Локални гласови за демократија: моќ, влијание и еднаквост во пракса

Донатор:
Времетраење: 1 јули 2025 – 31 март 2026

Застапеноста на жените во локалната власт во Република Северна Македонија е исклучително ниска. На локалните избори во 2021 година, од 81 општина само две (2) жени беа избрани за градоначалнички, што претставува само 2,5% од вкупниот број. Оваа состојба е директна последица на повеќе системски пречки.

Иако политичките партии во своите програми формално се залагаат за родова еднаквост, нивниот ангажман останува симболичен, без конкретни мерки за суштинска промена. Клучен проблем е недостигот на законски квоти за извршни позиции како што е градоначалничката функција, што им овозможува на партиите ретко да предлагаат жени за водечките кандидатски позиции, или да ги предлагаат во општини каде што имаат помали шанси за успех.

Дополнително, кандидатките често се соочуваат со сексистички и дискриминаторски говор, особено за време на изборните кампањи. Онлајн говорот на омраза не само што ги дискредитира жените во јавниот простор, туку и ги демотивира да се ангажираат политички.

Овој проект одговара токму на овие предизвици. Преку воспоставување форуми за дебата со жени, мониторинг на родовата сензитивност на институциите (ДИК, АВМУ, ДКСК) и анализа на изборниот процес, проектот ќе создаде препораки за надминување на системските пречки, создавајќи основа за посилно учество на жените во локалната демократија.

Цели на проектот:

Да се поттикне родова еднаквост и политичко учество на жените на локално ниво преку анализа, мониторинг и јавно застапување за поинклузивен изборен процес на локалните избори 2025 година.

Да се идентификува и документира јазот помеѓу реалното учество на жените во предизборните активности и нивната застапеност на изборните листи и меѓу избраните претставници, како и да се поттикне институционална и јавна дебата за надминување на овој јаз.