Прекинување на молкот: Корупција, моќ и медиумска слобода низ родова призма

Донатор: Ministry of Foreign Affairs (Luxembourg)
Времетраење: 15.07.2025 – 15.12.2025

Во Северна Македонија, новинарките често се мета на сексуализирано (онлајн) насилство, кампањи за клевета и координирано (дигитално) вознемирување, особено кога известуваат за моќ и корупција, родова еднаквост и човекови права. Овие напади често вклучуваат сексуални закани, „doxxing“ (објавување на лични информации без дозвола), тролање, па дури и физички закани, со цел да се замолчат женските гласови и да се поткопа слободата на медиумите.

Институционално, овие проблеми сѐ уште не се решени. Досега, освен за (онлајн) демнење, не постои официјален протокол применлив за дигитално насилство. Од друга страна, и покрај постоечката легислатива за офлајн насилство, сѐ уште постојат предизвици во однос на примената (на пример, родово-базираното насилство сѐ уште не е препознаено). Додека правните механизми се бавни или неефикасни, психолошката и дигиталната поддршка за безбедност во голема мера недостасуваат. Претстојните локални избори во 2025 година ја зголемуваат итноста на проблемот, особено за жените кои известуваат за политика и јавни институции.

Дополнително, новинарките често се соочуваат со структурна дискриминација на своите работни места — од раскинување договори за време на бременост до нивно „прескокнување“ во изборот на уреднички/управителни позиции. Ваквите прекршувања се нормализираат и ретко се пријавуваат, особено во политички поврзани или слабо регулирани медиумски куќи.

На локално ниво, условите за работа сѐ уште потешки: локалните новинар(к)и се соочуваат со политички и економски притисоци, несигурни договори, зависност од локални центри на моќ и ограничен пристап до информации. Во малите средини, каде што сите се познаваат, новинарките имаат засилени предизвици кога се обидуваат да известуваат за локална корупција, злоупотреба на јавни ресурси или политичка нетранспарентност: од индиректно одвраќање до неформални закани и кампањи за дискредитација. 

Затоа, целта на ова истражување е да се фокусираме токму на искуствата на локалните новинар(к)и – нивните работни услови и предизвици, лични стратегии, заштитни механизми и уреднички политики, но и клучната улога на локалното новинарство и дописничките мрежи за демократската транспарентност, отпорноста на заедниците и враќање на вербата во (истражувачкото) новинарство

Земајќи предвид дека достапните истражувања за род и медиуми најчесто се фокусираат на новинарките како примарни испитанички, решивме да примениме компаративен пристап што ги вклучува и новинарите, за да дојдат до израз постоечките родови разлики. Пресекот помеѓу родот, корупцијата и медиумската слобода, којшто е во сржта на овој проект, претставува основа за понатамошни истражувања и застапување за политички промени во насока на заштита на жените, а особено на жените во (локалните) медиуми.

Цели:

  • Да се документираат искуствата, предизвиците и стратегиите на локалните новинар(к)и во контекст на известување за корупција, злоупотреба на моќ и човекови права и да се испитаат родовите разлики.
  • Да се подигне свеста кај јавноста, медиумскиот сектор и носителите на одлуки за демократските последици од замолчувањето на жените во (локалното) новинарство.
  • Да се поттикне дијалог со истражувачи, уредници, граѓански организации, синдикати и институции за правни и регулаторни механизми.
  • Да се зајакне солидарноста во новинарската заедница и да се зголеми младинското учество преку интерактивни работилници предводени од клучни експерт(к)и во областа.