Извештајот во сенка за имплементацијата на Националната Стратегија за родова еднаквост 2022-2027 е независен извештај кој претставува сеопфатна анализа на степенот на исполнување на мерките и активностите предвидени во Стратегијата, првиот Национален акциски план 2023-2024 (НПАРЕ), во рамки на истата, како и во оперативните планови со активности во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Извештајот се фокусира на периодот 2023/2024 година и има за цел да обезбеди сеопфатна анализа на состојбата со имплементацијата на овој важен стратешки документ, вклучувајќи ја и општата состојба во земјата, функционалноста на институционалните механизми, степенот на имплементација на конкретните мерки и политики, како и ефектите врз различни аспекти од животот на жените.
Извештајот ги анализира главните предизвици во постигнувањето на родовата рамноправност, вклучително и прашањата поврзани со учеството на жените на пазарот на трудот, пристапот до образование, здравствените услуги, социјалната заштита и заштитата од родово-базирано насилство. Посебен фокус во овој извештај е ставен на следењето на институционалната и правната рамка, спроведување на стратегијата, како и на буџетската поддршка за спроведување на мерките за родова еднаквост.