Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Република Северна Македонија

Државниот завод за статистика на Северна Македонија како координативен орган на официјалниот статистички систем ја препознава потребата од родова статистика и ја изрази својата посветеност да прави и дисеминира родова статистика. И покрај вложените напори, вклучувањето на родовите аспекти во главните политики во целокупната национална статистика останува фрагментирана и сè уште не е целосно формализирана или призната како посебна одговорност од страна на сите официјални даватели на податоци во националниот статистички систем; сè уште недостасува централизиран координативен механизам за националната родова статистика.

Анализата, разгледува две клучни прашања и тоа: Како да се вклучи родовата перспектива во националниот статистички систем; и Кои се приоритетните области на кои им недостасува родова статистика. Документот се обидува да даде одговор на овие прашања преку анализа на правната и институционалната рамка на официјалниот статистички систем и националното законодавство, законодавството на ЕУ, стратешките и политичките документи поврзани со родовата статистика; анализа на постојните практики релевантни за производство и дисеминација на родова статистика; анализа на расположливите родови статистики и родови индикатори; анализа на достапни податоци поделени по пол од овластени тела за државна статистика; и анализа на можни административни извори за родово групирани податоци надвор од официјалниот статистички систем.

 

Година на издавање: 2022