Aнализа на политичките програми од родов аспект

Една од клучните компоненти за интеграција во Европската унија (ЕУ) е процесот на демократизација на општеството, и тоа токму преку подобрување на општествената положба на жените и маргинализираните групи. Земајќи ги предвид критериумите за членство во ЕУ, ваквиот процес на демократизација, со акцент на родовата еднаквост и женските прашања, бара правно-политички ангажмани и механизми кои ќе ја гарантираат рамноправноста во општеството, како и нивна соодветна имплементација.

Во рамки на програмата ЕУ Застапување, со посебен фокус на женски права и родова еднаквост, поддржана од Фондацијата Квина тил Квина, континуирано ги анализираме изборните програми на политичките партии со цел да дадеме осврт на родовиот аспект во истите. Вклученоста на родовата перспектива во политичките програми е показател за севкупната заложба на партиите за унапредување на родовата еднаквост и создавање фер и еднакво општество.

Оваа родова анализа претставува обид за објективна оцена на програмите на политичките партии и изборни коалиции кои освоија мандати во Парламентот за парламентарните, како и за претседателските избори во 2024 година. Покрај прегледот на употреба на општите термини како родова еднаквост/рамноправност и/или женски права, оваа анализа се обидува да мапира и дали во рамки на политичките програми се вклучени мерки за: економско јакнење на жените, справување со родово базирано насилство и насилство врз жените, вклучување на жените на позиции на моќ и во носење одлуки, сексуални и репродуктивни права, како и инклузивност во образованието.

Година на издавање: 2024