www.rodovindeks.mk

Изработката на Индекс кој ќе ја мери родовата еднаквост во општините е идеја која во Реактор ја имавме подолго време. Во 2016 година успеавме да ја реализираме за првпат и да го изработиме овој Индекс како дел од проектот „Мобилизирање за родова еднаквост“, поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество во Македонија, кој ја адресира константната родова нееднаквост во сите сфери во јавниот и приватниот живот во Република Македонија.

Во 2021 година, како дел од проектот „ЕУ застапување за унапредување на правaта на жените“ поддржан од Шведска и Фондацијата и Kvinna till Kvinna, успеавме да собереме свежи податоци од единиците на локална самоуправа и да спроведеме второ мерење на состојбите.

Целта на овој проект е да се препознаат добрите практики во работата на институциите, но и аспектите во кои е потребно подобрување со цел да се унапреди позицијата на жените во Република Македонија.

Индексот на родова еднаквост е композитен показател за статусот на жените и мажите во различни сфери од живеењето, достапноста на јавни услуги кои се релевантни за остварување на родова еднаквост и напорите на општината за промовирање на родово одговорни политики.

Го создадовме Индексот на родова еднаквост на општините заснован на убедувањето дека за нашиот колективен напредок, жените и мажите мора да имаат еднаков пристап до можности и услуги, кои се планирани и креирани во согласност со нивните специфични потреби.

Со цел да овозможиме целокупен преглед на состојбите во сите општини во Република Македонија, со овој Индекс опфативме 81 општина и ги анализиравме во три главни области: родов јаз, овозможувачки услови и родово одговорна општина. Во првата област индексот овозможува преглед на разликите меѓу жените и мажите во општините во домените на економијата, образованието и политичкото учество. Втората област ја споредува застапеноста и достапноста на услуги и сервиси во општините кои се важни и неопходни за жените. Последната област ги прикажува напорите што самата општина ги прави во спроведување и креирање на политики, програми и издвојување на буџетски средства за надминување на системските бариери за жените, односно, анализира колку општинските стратегии, програми и буџети влијаат на фактичко подобрување на животот на жените.

Со Индексот им овозможуваме на донесувачите на одлуки, службениците и граѓаните, начин за идентификување и разбирање на состојбите кои се критични за унапредување на статусот на жените на локално ниво.

www.rodovindeks.mk/

Област: Родова еднаквост
Година на објава: 2020