Обуката ќе се одржи на 28, 29 и 30 ноември, 2018 година во Јавна Соба во Скопје.
Реактор – Истражување во акција и Фондацијата Жена за жена објавуваат повик за учесници на тродневна обука на тема: Застапување во ЕУ, односи со јавност и комуникација која ќе се одржи на 28, 29 и 30 ноември, 2018 година во Јавна Соба во Скопје.
Обуката ќе покрие теми кои се однесуваат на ЕУ институциите и процесите важни за унапредување на родовата перспектива во пристапувањето кон ЕУ: зошто застапувањето во ЕУ е важно за женските граѓански организации од земјата и регионот и како истото функционира во пракса. Учесниците ќе имаат можност да работат на практични пораки и поенти за застапување преку групни вежби. Воедно, вториот дел од обуката ќе даде осврт на теоретските основи потребни за да се подобрат односите со јавноста и ќе ги подобри знаењето и вештините на учесниците во насока на градење на репутацијата на нивните граѓански организации. Овој модул ќе се фокусира на стратегиска комуникација и ќе ги подобри капацитетите на организациите за развивање на комуникациска стратегија, преку разгледување на алатки и техники, како и комуникациски канали со цел да се подобри нивното влијание.
На крајот на обуката учесниците ќе имаат знаења за методите, техниките и алатките за успешно планирање и имплементирање на застапувањето во рамки на нивната организација.
Обуката е наменета за претставнички/ци на женските организации или организации чиј фокус се правата на жените. При селекцијата на кандидатите предност ќе имаат претставнички/ци на организации кои се членки на платформи, мрежи и коалиции. Избраните учесници се очекува да присуствуваат на сите 3 дена од обуката.
Методологијата на работа на обуката се базира врз принципот на неформално образование кое вклучува интеракција и практична работа со учесниците.
Бројот на учесници е ограничен. Обуката е бесплатна и ќе биде реализирана на македонски и англиски јазик од страна на искусни обучувачи. За учесниците кои доаѓаат од други градови ќе биде обезбедено сместување и ќе бидат надоместени трошоците за превоз.
Се поттикнува пријавување на повеќе учесници од една организација. Сите заинтересирани за учество можат да се пријават со пополнување на образецот за учество: https://goo.gl/forms/L6WZi7ptv0NeBdy03 најдоцна до 25 ноември 2018 година.
Оваа обука е дел од проектот „Родово рамноправна ЕУ интеграција? – градење капацитети на женските граѓански организации“ финансиран од страна на Европската Унија, претставена преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, а се реализира во рамки на децентрализираната Национална програма за транзициона поддршка и градење на институциите, спроведувана од Генералниот Секретаријат на Владата и Министерството за финансии.
Проектот има за цел да ја зајакне вклученоста на женските граѓански организации во реформите на процесот за ЕУ интеграција, преку партнерство и соработка со релевантни институции и механизми за креирање политики, како и преку вклученост во планирањето, програмирањето и мониторингот на клучните национални реформи поврзани со воспоставувањето на родовата paмноправност.