На 30 март 2022 година, Реактор – Истражување во акција го промовираше последното истражување на тема: „Родово-базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија“.
Извештајот, дава преглед на информации и прави споредба на состојбите поврзани со недостатоците во релевантната законска рамка; застапеноста и природата на родово базираната дискриминација на пазарот на труд; и начинот на кој институциите ги третираат таквите случаи. Генералниот заклучок е дека нема значаен напредок и подобрување на состојбите со родово-базираната дискриминација во споредба со наодите од првото истражување од овој вид, објавено во 2019 година, а спроведено од Реактор – Истражување во акција.
На панел дискусијата по повод оваа промоција, Васка Лешоска од Реактор – Истражување во акција презентираше дел од официјалната статистика за пазарот на труд која упатува дека разликата во вработеноста меѓу мажите и жените на работоспособна возраст изнесува 19 процентни поени и е речиси двојно поголема од европскиот просек, а речиси половина од жените на работоспособна возраст според официјалната статистика се водат како економски неактивни, односно се исклучени од пазарот на платен труд. Овие родови јазови, кои се перзистентно високи со декади наназад, се индиција за структурната родово базирана дискриминација која укажува дека жените и мажите немаат еднакви можности за пристап до платено вработување.
„Според споделените искуства на онлајн истражувањето на интервју за работа, за жал вообичаени се прашањата: „Дали сте мажена?“„Дали имате деца?“ или „Дали во блиска иднина планирате да раѓате?“ со што жените се доведени во ситуација на принуден „избор“ работа или семејство, а за жал не ретко „изборот“ го прави само работодавачот.“ – додаде Лешоска.
„Поради бременост останав без работа, иако во компанијата работев 3 години. Па во четврти месец им соопштив дека сум бремена, и за една недела останав без работа“ – се вели во сведоштвото на 24 годишна жена, опфатена со истражувањето.
Овие примери не се ретки приказни, и се реалност за голем број на жени во нашата држава. Освен дискриминација по основ на мајчинство и бременост, жените се соочуваат со сексуално вознемирување на работното место како најфлагрантен облик на родово базирана дискриминација.
„Откако одлучив да не спијам со директорот, бев избркана од работа после три недели“ се вели во сведоштвото на 28 годишна жена, опфатена со истражувањето.
Она што загрижува е наодот дека малку од случаите се пријавени до надлежните институции, односно 87% од испитаниците, не контактирале ниту една институција за да пријават родово базирана дискриминација.
На панелот свое обраќање имаа и, Светлана Цветковска, Министерство за труд и социјална политика; Кире Василев, Комисија за спречување и заштита од дискриминација; и Драгиња Аврамчевска, Државен инспекторат за труд; кои ги споделија институционалните заложби и механизми за заштита од родово базираната дискриминација, како и Кристина Ампева, Гласен Текстилец и Ина Џугуманова, Хелсиншки Комитет за човекови права, кои ги споделија искуствата од терен и напорите на граѓанските организации во борбата против родово-базираната дискриминација.
Заклучоците од панел дискусиите упатуваат на потреба од системско и мултисекторско постапување, како и потреба за востановување на институционални пракси за спречување и заштита од родово-базирана дискриминација во работните односи. Имајќи предвид дека нееднаквиот пристап до платена работа е рефлексија на нееднаквата распределба на обврските за грижа, се препорачува што поскоро усвојување на нов Закон за работните односи кој ќе ја препознае раната грижа за децата како споделено право и обврска и на мажите и на жените, овозможувајќи платено родителско и непреносливо татковско отуство, како и целосна заштита на бремените работнички со договори на определено време.
Истражувањето е изработено од Реактор – Истражување во акција, со поддршка на Европската унија (ЕУ) и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида), како дел од регионалната иницијатива за справување со овој вид на дискриминација „Унапредување на работничките права на жените“, која се спроведува во шест земји од Западен Балкан.
Во првиот бран истражување партнерите објавија шест истражувачки извештаи за земјите од Западен Балкан и еден регионален извештај за родово-базираната дискриминација на работното место, како дел од првото сеопфатно истражување од ваков вид. Потфатот постави основа за согледување на правната рамка, јавната свест и ставовите како и институционалното искуство за третирање на родово базираната дискриминација. Истражувањето информираше неколку предложени правни реформи во Западен Балкан и интервенции на Акцијата.
Врз основа на ова и други истражувања, граѓанските организации во регионот поднесоа конкретни препораки за најмалку 16 закони и политики, вклучувајќи препораки за измена на Законите за работни односи низ Западен Балкан, врз основа на директивите на ЕУ, особено правото на ЕУ за родова еднаквост.
Воедно, конференцијата го означи и крајот на овој 4-годишен проект, но нашите напори за унапредување на работничките права на жените и справувањето со родово-базираната дискриминација не застануваат тука.