Платформата за родова еднаквост ги повикува подносителите на листите на кандидат(к)и за Локалните избори 2021 да покажат минимум демократски капацитет и да обезбедат родов баланс на изборните листи.
Во моментов имаме само 6 градоначалнички наспроти 75 градоначалници. Овој дисбаланс кој ги рефлектира изборните резултати од 2017 година, е само доследно повторување на традицијата која ги прави жените невидливи во изборите. Жените само декларативно имаат право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени. Да потсетиме, на локалните избори во 2013 беа избрани само 4 градоначалнички наспроти 76 мажи градоначалници, а во 1996 и 2009 немаше ниту една градоначалничка.
Значајно и релевантно политичко учество значи минимум застапеност од 40% на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот. Како предлагачи на изборните листи, политичките партии се и чувари на портите што го олеснуваат влезот и успехот на поединците во политиката. Потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку општествени и структурни бариери за нивно вклучување; затоа тие мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка.
Особено е важно да се спомене дека и во изборните програми на партиите, најголем дел од партиите ветуваа унапредување на политичкото учество на жените (вклучително и на локално ниво).[1]
Но, и покрај овие заложби, родовата нееднаквост е присутна на речиси сите нивоа на владеење, како на локално, така и во извршната власт каде од вкупно 16 министерства, само 4 се предводени од жени.
Декларативните заложби не ја унапредуваат фактички родовата еднаквост. Само со практични чекори можеме да видиме суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.
Ги повикуваме политичките партии да ги одржат своите
ветувања и да покажат заложба за родова еднаквост во пракса преку родово-балансирани
кандидатски листи на локалните избори – еднаква застапеност меѓу кандидат(к)ите
значи и еднакви шанси за избор и на жените и на мажите во градоначалничката
трка.
[1] Реактор – Истражување во акција, 2020, Осврт на родовиот аспект во програмите и изборните листи на политичките партии за предвремените парламентарни избори 2020. Достапно на: https://reactor.org.mk/publication-all/%d0%be%d1%81%d0%b2%d1%80%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%be%d0%b2%d0%b8%d0%be%d1%82-%d0%b0%d1%81%d0%bf%d0%b5%d0%ba%d1%82-%d0%b2%d0%be-%d0%bf%d1%80%d0%be%d0%b3%d1%80%d0%b0%d0%bc%d0%b8%d1%82/