Побезбедни градови, посилни заедници: Справување со родово-базирано насилство преку емпириски пристап и мулти-секторски дијалог

Минатиот четврток, на 27 март 2025, „Реактор – Истражување во акција“ организираше работен настан со наслов: „Побезбедни градови, посилни заедници: Справување со родово-базирано насилство преку емпириски пристап и мулти-секторски дијалог“, во рамки на финализирањето на нашата најнова истражувачка студија за родово-базирано насилство врз жени и девојки во јавните простори во Скопје и Тетово. 

Во работната дискусија земаа учество стручни лица и претставници од релевантни институции, со што се создаде простор за размислување, вмрежување, развивање точки за делување и застапување со цел да се подигне свеста и да се унапреди одговорноста и заложбата на засегнатите страни и нивната улога во борбата против родово-базираното насилство и зголемувањето на безбедноста на жените во јавните простори. 

Настанот го отвори Тања Иванова, претседателка на „Реактор“, која сподели со присутните дека оваа година „Реактор“ слави дваесет години постоење, а новото истражување претставува „своевиден сублимат на темите што ја движат нашата работа од самиот почеток – ангажирање на заедницата, партиципативно планирање и креирање на политики, грижа за оние што често се исклучени од овие процеси и нивно поструктурно и навремено вклучување, но и предизвикување на општествените норми и стереотипи преку факти, дијалог, здружени иницијативи и труд за социјална правда и општество во кое никој не е заборавен.“ Иванова додаде и дека „општествената трансформација што ја посакуваме е скапа и тешка, меѓутоа не смееме да се откажеме од истата, особено во траорни времиња на сеопшта тага и изгубена младост“. 

Поздравно обраќање имаше и Ендрју Брант, програмски директор во Британската амбасада, кој истакна дека родово-базираното насилство е глобален проблем со кој се соочуваат жените низ светот. Тој ја нагласи важноста од собирање на податоци и мапирање на небезбедни точки со цел да се подобри безбедноста на жените и девојките и да се креираат насочени политики и практики, поздравувајќи ја студијата на „Реактор“ како чекор напред во насока на остварување дијалог и соработка меѓу граѓанските организации и институциите.

По овие обраќања следеше презентацијата на Ана Бојчевска Митревска, координаторка на истражувања во „Реактор“ која работеше на извештајот. Таа ги презентираше клучните наоди од истражувачката студија, која има за цел да го утврди степенот и различните димензии на насилство врз жените и девојчињата во јавниот простор, фокусирајќи се првенствено на перцепциите за нивната безбедност и влијанието што истите го имаат врз нивните животи, на облиците на насилство што ги доживуваат и стратегиите што ги имаат развиено за да се справат со насилството. 

Најновата студија открива висока распространетост на вербално и невербално вознемирување, сексуално вознемирување и физичко насилство на јавните простори врз жените и девојките кои учествуваа во истражувањето, изразено чувство за небезбедност и недоверба во институциите. „Само 16% од жените се чувствуваат безбедно кога ноќе ги користат јавните простори, а само 2% известиле дека се чувствуваат ‘целосно безбедно’. Повеќе од половина од жените (59%) биле изложени на јавна мастурбација или познаваат жена која била, а во случајот на непосакувано допирање процентот изнесува 48%. Физички напад на јавни места доживеале или познаваат жена што доживеала 36% од испитаничките, но стапката на пријавување останува исклучително ниска – само 8% од жените некогаш пријавиле инцидент во полиција. Стравот е најчестата (антиципирана) реакција во случај на овие инциденти, а нервозата, срамот и лутината зависат од контекстот“, образложи Ана Бојчевска Митревска.  

Недовербата во институциите, стравот од последици и стигмата околу насилството придонесуваат овие случаи да останат непријавени, а 87% од испитаничките не се информирани за достапните сервиси за поддршка. Институционалната неефикасност, недоволната заштита и недостигот на основни урбани услови, како соодветно осветлување и одржувана инфраструктура, директно влијаат врз секојдневниот живот на жените. „Одговорноста за безбедноста не треба да се бара само во способноста на жените да го регулираат своето движење, туку треба да ѝ се пристапи преку пошироки структурни интервенции кои ги преиспитуваат условите што ги претвораат јавните простори во места на страв, наместо на слобода“, заклучи Бојчевска Митревска. На крајот, таа ја презентираше платформата „Реагирај – биди безбедна” креирана од „Реактор” со цел мапирање на небезбедни точки и инциденти на РБН на територијата на Северна Македонија. 

По нејзиното излагање започна панел дискусија на која учествуваа Биљана Јеремиќ, началничка во одделението за семејно насилство (Единица за насилен криминал при СВР Скопје); Јане Димески, активист, член на „Шанса за Центар“ и советник во Советот на Општина Центар; Милка Докузова, архитектка, истражувачка и соосновачка на граѓанската иницијатива „Хумани градови“; и Рита Бехадини, активистка, новинарка и основачка на Центарот за еднакви можности. Дискусијата ја модерираше Кире Василев, програмски координатор во „Реактор“, кој го започна разговорот со забелешката дека „меѓусебниот однос во јавниот простор е одраз на културните вредности во нашата заедница, и затоа прашањето за безбедност и инклузивност е прашање на тоа колку се почитуваме, се вреднуваме и си веруваме едни на други.“  

Началничката за семејно насилство Биљана Јеремиќ изјави дека кога станува збор за насилство врз жени, „Според податоците на МВР, семејното насилство се пријавува често и колегите работат посветено на расветлување на случаите и санкционирање на сторителите“. Сепак, Јеремиќ се сложи дека голем број случаи не се пријавуваат, поради страв од напаѓачите, долг судски процес и недоверба во системот. Од страна на работната група, пак, беше реплицирано дека треба да се обрне внимание и на останатите форми на РБН, како оние извршени на јавни простори врз кои полицијата ретко постапува и за кои бара дополнителни докази, но и да се унапреди дијалогот помеѓу институциите и народот. Токму студијата на „Реактор“ покажува јасна дискрепанца помеѓу перцепциите на граѓаните за јавна безбедност и она што го работат институциите.  

Активистката за човекови права и новинарка, Рита Бехадини, истакна дека жените жртви на насилство во Тетово, поради големиот страв, срам и стигма што го следи насилството, но и изгубената доверба и лошото искуство со институциите, често не сакаат да одат во полиција освен ако со нив не дојдат претставници од граѓанските организации.  

Јане Димески се надоврза на дискусијата потенцирајќи дека локалните политики и урбаните интервенции мора да ја вклучат родовата перспектива за да одговорат на конкретните безбедносни потреби на жените. Како советник во Општина Центар, тој нагласи дека анализата на инфраструктурните промени треба да се прави со јасна свест за тоа како различни групи граѓани – особено жените – ги доживуваат и користат јавните простори и кои се нивните приоритети. 

Архитектката и истражувачка Милка Докузова, сподели дека наодите од истражувањето на „Реактор“ се во линија на студијата за Скопје на која неодамна работела таа, а која вклучува мапирање и евалуација на јавните простори во градот од 2018-2023 г.: „Јавните простори во Скопје не се инклузивни, односно дури и оние што ја промовираат инклузивноста, не овозможуваат слободен пристап, особено не за маргинализираните групи на граѓани како што се жените и жените со деца (мајки, баби, негувателки), кои најчесто ги користат отворените јавни простори, но и за лицата што користат помагала и повозрасните лица.“ 

Во вториот дел од дискусијата, панелистите споделија свои предлози за унапредување на состојбата, земајќи ги предвид можностите и препреките. Јеремиќ како клучна ја потенцираше мулти-секторската времежност. „Треба да разменуваме информации, да ги стимулираме граѓаните да пријавуват повеќе ако не го прават тоа. Можеби би помогнала и присутноста и видливоста на униформирани полициски службеници што би дале поголемо чувство на безбедност на јавните места“. Бехадини, пак, забележа дека и медиумите играат значајна улога во кревање на гласот и свеста против институционалното непостапување и неказнување. Таа нагласи дека преку континуирано заинтересирано известување, медиумите можат да го артикулираат незадоволството на граѓаните и да вршат притисок за системски промени. Панелистите се сложија дека е неопходна заедничка работа помеѓу граѓанскиот и медиумскиот сектор и институциите за полесно и побрзо решавање на проблемот со безбедноста. 

Димески и Докузова обајцата истакнаа дека јавните места мора континуирано да се одржуваат и подобруваат. Ова вклучува целосно и неопструирано осветлување, функционални пешачки патеки и интегрирање на безбедносни мерки кои директно ги адресираат предизвиците што ги покажаа истражувачките наоди. Докузова забележа дека на безбедноста на жените и девојките мора да ѝ се пристапи низ планерска и проектантска призма бидејќи во планирањето и проектирањето на отворени јавни простори често има ограничено надворешно учество на архитекти, граѓански организации и локално население што би ги споделиле своите видувања и/или потреби. 

Оваа панел дискусија беше организирана од „Реактор – Истражување во акција“ во рамки на проектот „Родово-базирано насилство на јавни простори“, во чии рамки беше изработена и студијата „Родово-базирано насилство врз жените и девојките на јавните места во Скопје и Тетово“ со поддршка на и во партнерство со Британска амбасада и организацијата Квина тил Квина.