Во организација на Реактор-Истражување во Акција, во рамките на проектот „ЕУ застапување“ поддржан од Квина Тил Квина, денес беше одржана конференција во знак на одбележување на Меѓународниот ден на жената.
Конференцијата овозможи конструктивна дебата во која учесниците потенцираа дека е потребно да се зголеми видливоста на женските права во поглед на евроинтеграцијата, како и дека е неопходно поголемо учество на жените во политиката и подготвителните процеси. Организациите на граѓанското општество побараа поголема вклученост на граѓанскиот сектор во усогласувањето на легислативата и стандардите.
Овој настан на едно место ги собра сите релевантни чинители од националните институции, граѓанскиот сектор и меѓународните организации, кои низ дискусија се согласија дека е потребна поголема политичка волја и поконкретни заложби преточени во соодветни материјални и човечки ресурси неопходни за унапредување на родова еднаквост. Дополнително беше нотирано дека се потребни конкретни реформи во функционирањето на родовата машинерија со што би се осигурала имплементацијата на постојната легислатива и политиките.
Дамјан Здравев од Реактор Истражување во акција, во воведната сесија потенцираше дека на родовата еднаквост сеуште се гледа како на женско прашање, а жените и понатаму се дискриминирани во сите општествени сфери, со посебен акцент на пазарот на труд, каде што бележиме исклучителновисока стапка на неактивност, а понатаму следствено и во сите процеси на одлучување. Како земја кандидат за членство во ЕУ имаме обврска целосно да ги прифатиме и почитуваме фундаменталните принципи на Унијата, меѓу кои еден од најважните е еднаквост меѓу мажите и жените.
Конференцијата ја отвори Министерката за труд и социјална политика г-ѓа Фросина Ременски, која посочи: “Проекциите покажуваат дека ако се продолжи со ова темпо, ќе ни требаат 70 години за постигнување на еднаквост во платите. Членството во ЕУ е приоритет за државата, во време кога Македонија се бори за препорака за отпочнување на преговорите, човековите права и недискриминација се меѓу основните чекори. Време е Македонија да се врати на европски пат”
“Мора да се работи поефективно на имплементирање на законот во реалност, а тоа бара големи напори на дневна база кои мора двојно да се зголемат”- додаде Луиза Винтон,постојана координаторка на ОН во Македонија.
Шведскиот Амбасадорот Матс Стафансон, образлоќувајќи ја шведската феминистичка надоврешна политика, посочи дека жените треба да имаат еднаква моќ да го обликуваат општеството и сопствениот живот, онака како што тие сакаат.
Пред присутните говореа и г-ѓа Лилјана Поповска, Софи Бомонт од Делегацијата на ЕУ, Марија Савовска, Гонзало Ди Цезаре од мисијата на ОБСЕ во Скопје и многу други.