19.05.2016.Скопје. Реактор – Истражување во акција е прва организација од Македонија добитник на наградата Медлин Олбрајт од Националниот Демократски Институт, како заслуга за улогата во поддршка на жените во политичките процеси во земјава.
На официјалната церемонија која Националниот Демократски Институт ја организираше во Вашингтон во чест на Реактор, Претседателката на НДИ и поранешна Државна секретарка на САД – Медлин Олбрајт лично ѝ ја додели наградата на Тања Малеска- Претседателка на Извршниот Одбор и една од основачките на Реактор.
Оваа награда е резултат на долгогодишната посветеност и напорна работа на Реактор, пред се во делот на родовата еднаквост, учеството во креирање јавни политики и застапувањето на правата на жените, како и на успешната соработка со претставништвото на Националниот Демократски Институт во Македонија.
Медлин Обрајт упати пофални зборови за работата на Реактор, посочувајќи: “Еднаквото учество на жените во процесите е клучот за демократски развој, а демократијата е убедливо најдобриот начин за владеење”
“Веруваме дека и покрај различните политички убедувања и ставови, заедничкото делување на жените има моќ и сила да ги сруши бариерите со кои се соочуваат и да внесе нова енергија во нивниот глас кој предолго е држен во сенка. Исто така веруваме дека ако навистина се стремиме кон темелни и одржливи промени, тогаш време е да им се овозможи на жените да бидат лидерки. ” – истакна Малеска.
На настанот говореше и Американската сенаторка Ејми Клоубушар која додаде: “Жените во Сенатот се почесто се идентификуваат како лидери, работат понапорно за да го истакнат својот потенцијал, тие се носители на промени и најважно од се, се поддржуваат меѓусебно”.
Реактор е избран во конкуренција од голем број светски организации. Станува збор за реномирана награда во светски рамки која секоја година се доделува на една организација која активно работи на подигнување на свеста за помасовно вклучување на жените во политиката.