
Во септември, тимот на „Реактор – Истражување во акција“ одржа два локални форуми во Битола и Скопје. Целта на форумите беше да се отвори дискусија за тоа како локалните политики можат подобро да ги одразат реалните потреби на жените, со кои специфични предизвици се соочуваат и како нивните приоритети да станат дел од локалната политичка агенда.
Во продолжение ги споделуваме клучните области што беа детектирани во однос на тоа каде локалните власти потфрлаат и каде се потребни итни и суштински промени. Проблемите се групирани во неколку категории:
1. Урбанизам, јавен простор и безбедност:
- Непристапни јавни простори: Во Скопје, огромен проблем е тоа што улиците и тротоарите се непроодни за мајки со детски колички и лица со попреченост поради паркирани возила и лоша инфраструктура. Во Битола, како проблем се јавија оштетените плочки на Широк Сокак поради кои граѓаните често се повредуваат.
- Јавна безбедност: Беше посочено дека слабото улично осветлување создава чувство на несигурност кај жените, особено навечер.
- Небезбедна и нефункционална урбана опрема: Учесничките го истакнаа недостатокот на детски игралишта и урбана опрема, а онаму каде што постои, општините не се грижат за нејзиното одржување, што ја прави опасна за децата. Исто така, недостасуваат јавни чешми, а постоечките не се поправаат.
- Запуштена инфраструктура: Во Битола беше спомнат конкретен случај со бандера пред распаѓање во центарот на градот која со години не е заменета и покрај петиции од страна од граѓаните.
2. Социјална заштита и грижа:
- Недостаток на сервиси за стари лица: Потребна е организирана општинска грижа за старите лица, како што се сервиси за домашна нега, помош при набавка на лекарства и поедноставни процедури за добивање помош. Посочен беше проблемот со недоволните капацитети во старските домови.
- Немање поддршка за самохрани мајки: Во Битола беше истакнато дека не постојат сервиси за поддршка на самохраните мајки, ниту пак тие имаат предност при запишување на децата во градинка.
- Меѓуопштинска несоработка: Споделено беше лично искуство од Скопје каде граѓанка не можела да искористи услуга за нега на болен родител бидејќи родителот бил од општина Центар, а привремено престојувал во Кисела Вода, што покажува дека системот е крут и не соработува со граѓаните.
3. (Не)одговорност на локалната власт и недостиг на поддршка за граѓаните:
- Игнорирање на граѓански иницијативи: Граѓанските акции за чистење често се соочуваат со институционална блокада, каде комуналните претпријатија одбиваат да го подигнат собраниот отпад.
- Недостиг на слух за потребите на граѓаните: Учесничките се согласија дека кандидатите за градоначалници комуницираат со нив само неколку дена пред избори, без реална намера да ги слушнат или запишат нивните идеи.
- Нефункционални јавни претпријатија: Проблемот со неефикасноста на комуналните претпријатија и префрлањето на одговорноста помеѓу различни институции беше констатиран во двата града.
- Немање простор за женско организирање: Во Битола беше нагласена потребата од „женска градска куќа“ – простор каде жените би можеле да се дружат, организираат и делуваат, предложувајќи да се искористат постоечки напуштени објекти како зградата на Радио Битола.
Кои политики се најназначени од жените?
Иако сите наведени проблеми се важни, три теми доминираа во дискусиите како најгорливи:
- Пристапноста, безбедноста и функционалноста на јавниот простор: Ова е најистакнатиот проблем, бидејќи директно влијае на секојдневното движење, безбедноста на децата и квалитетот на живот. Жените го доживуваат овој проблем многу лично, особено како мајки и како пешаци.
- Недостатокот на системска социјална грижа: Потребата од грижа за најранливите – старите лица и самохраните мајки – е второто клучно барање. Жените често го носат товарот на грижата во семејството, па отсуството на институционална поддршка директно ги погодува.
Игнорантскиот однос на општините кон потребите на граѓаните: Постои длабоко разочарување од тоа што локалните власти не ги слушаат граѓаните, не ги спроведуваат нивните предлози и не ја вршат работата за која се платени.