Како се поврзани родовата еднаквост и процесот на пристапување во ЕУ и како можеме да придонесеме за унапредување на родовата еднаквост? – Реактор отпочна видео кампања за да одговори на овие прашања



Реактор – Истражување во акција и партнерите во регионалниот проект „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“, започнаа видео кампања за родовата еднаквост и процесот на пристапување во ЕУ. Навидум, две различни теми, но видеата имаат за цел да ја објаснат важната поврзаност и како може да се унапреди родовата еднаквост преку процесот на пристапување во ЕУ.

Термините родова еднаквост и процес на пристапување во ЕУ не ги слушаме често во една реченица. Кога зборуваме за пристапување во ЕУ, често слушаме за сложени реформи во многу области. Преку овие реформи, земјите-кандидатки гарантираат стабилна и демократска власт која го почитува владеењето на правотo и слободите и институциите што истото ги подразбира, вклучително и начелото на родова еднаквост. Родовата еднаквост е основна вредност на ЕУ, и како таква, мора да биде вградена во процесот на пристапување кон ЕУ.

Видео кампањата се состои од две кратки едукативни видеа кои имаат за цел да објаснат како може да се унапреди родовата еднаквост преку процесот на пристапување во ЕУ – првото видео, објавено на 17 март, се занимава со темата што е родова еднаквост, што претставува процесот на пристапување во ЕУ, и зошто родовата еднаквост е важна во процесот на пристапување во ЕУ. Второто видео, кое ќе биде објавено на 24 март, елаборира зошто унапредувањето на родовата еднаквост е важно за сите нас и што можеме да направиме за да ја унапредиме.

Првото видео е веќе достапно на социјалните медиуми на Реактор: Фејсбук, Твитер и Youtube.

Освен во Северна Македонија, кампањата се спроведува и во четири други земји од Западен Балкан: Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина.

Оваа кампања е дел од проектот „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида), имплементиран од Реактор – Истражување во акција (Северна Македонија), Фондацијата Kvinna till Kvinna (Канцеларија во Северна Македонија), Мрежата на жени на Косово (Косово), Мрежата за зајакнување на жените во Албанија (AWEN) (Албанија), Права за сите (Босна и Херцеговина) и Центарот за права на жените (Црна Гора).

Содржината на оваа објава е единствена одговорност на партнерските организации и не ги отсликува ставовите на Европската Унија или Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.