Објавен е новиот Извештај во сенка за имплементацијата на Стратегијата за родова еднаквост за периодот 2018 и 2019 година

Напредокот на родовата еднаквост во државата е условен од многу фактори, но еден од клучните фактори се законската регулатива, донесените политики, мерки, стратегии и акциски планови воспоставени за таа цел и нивната доследна имплементација.

Националната стратегија за родова еднаквост 2013–2020 е клучниот стратешки документ кој ги предвидува националните приоритети за остварување на еднаквите можности на жените и мажите во период од осум години. Стратегијата, заедно со националните акциски планови и оперативните планови имаат цел да обезбедат целосна еднаквост меѓу родовите на хоризонтално ниво, преку вклучување на родовата перспектива во работата на сите нивоа на институционалната поставеност, но и секторски, преку специфични активности и мерки за унапредување на еднаквите можности.

Извештајот во сенка за имплементацијата на Стратегијата за родова еднаквост за периодот 2018 и 2019 година е четвртиот независен извештај кој претставува сеопфатна анализа на степенот на исполнување на мерките и активностите предвидени во Стратегијата, Националниот акциски план 2018-2020 (НПАРЕ), како и во оперативниот план (ОП) за 2018/2019 година со активности во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

Извештајот утврди дека иако на годишно ниво се издвојуваат државни финансиски средства за исполнување на активностите, како и претходните години, сепак, тие не се доволни, ниту пак процесот на нивно трошење е транспарентен.

Понатаму, сè уште постои неконзистентност меѓу планираните активности во НПАРЕ и во ОП и не се земени предвид препораките од претходните извештаи во сенка за 2014 и 2015 година, за усогласување на активностите. Известувањето за имплементацијата на НПАРЕ и понатаму не е според индикаторите предвидени во Акцискиот план и начинот на известување не дава јасен и сеопфатен преглед за напредокот на родовата еднаквост во Северна Македонија, како и за степенот на имплементацијата на НПАРЕ.

Дополнително, меѓусебната соработка на институциите надлежни за спроведување на Стратегијата и Акцискиот план е на особено ниско ниво што е видливо од неусогласеноста во одговорите доставени од институциите кои се однесуваат на активности заемно поврзани, како и од извештаите кои се доставуваат до Министерството за труд и социјална политика.

Во поглед на соработката на институциите со граѓанските организации, истата е генерално подобрена, но, вклученоста на граѓанските организации во имплементацијата на НПАРЕ и понатаму е ограничена, пред сè поради ограничените материјални услови.

Имајќи го предвид степенот на исполнување на активностите од НПАРЕ, најголем напредок се забележува во областите на здравството и медиумите; најслаб напредок се забележува во областите на родово-базирано насилство (РБН) и вклученост на жените на пазарот на трудот; а во останатите области како што се образование, политика и институционални механизми за унапредување на родовата еднаквост во државата, видлив е ограничен напредок.

Согласно наодите, препораките кои произлегуваат од овој Извештај упатуваат дека е неопходно:

  • Зајакнување на финансиските, човечките и техничките капацитети на сите чинители одговорни за имплементацијата на Националниот акциски план за родова еднаквост
  • Приоретизирање и секвенционирање на активностите предвидени како дел од акциските планови за спроведување на Стратегијата
  • Навремено развивање и примена на методологија за следење на спроведувањето на Стратегијата
  • Активно и систематско објавување податоци
  • Усогласување на оперативните планови со Националниот план за акција
  • Поголемо вреднување на учеството на граѓанскиот сектор во креирањето на стратегиските и на оперативните документи, како и во имплементација на Стратегијата

За повеќе детали погледнете го целосниот извештај, изработен во рамките на проектот за застапување на правата на жените на ниво на ЕУ, поддржан од Фондацијата Квина тил Квина, кој е достапен на следниот линк.