Објавен регионален извештај за родово-базирана дискриминација и пазар на труд од Коалицијата за борба против родово-базирана дискриминација на пазарот на труд на Западен Балкан



На 30 мај, Коалицијата за борба против родово-базирана дискриминација на пазарот на труд на Западен Балкан го промовираше, преку Зум, второто издание на истражувачкиот извештај со наслов Родово-базирана дискриминација и работни односи во Западен Балкан. Онлајн промоцијата следеше по официјалната промоција која се одржа во Брисел на 20 мај. Истражувањето има за цел да ги идентификува недостатоците на релевантната законска рамка; застапеноста на родово-базирана дискриминација на пазарот на труд; степенот на пријавување од страна на граѓан(к)ите и како одговорните институции ги третирале ваквите случаи. Истражувањето е спроведено од женски граѓански организации (ЖГО) како дел од регионалната акција „Зајакнување на граѓанските организации во борбата против дискриминација и унапредување на работничките права на жените“ во Западен Балкан,  поддржана од Европската Унија и ко-финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.

Клучните наоди упатуваат на тоа дека:

  • Ниту една влада ја нема во целост усогласено својата законска рамка со Директивата на ЕУ за рамнотежа помеѓу работата и животот. Постојат различни отворени прашања поврзани со правата за отсуство, особено родителско, татковско и отсуство за негуватели.
  • Иако се чини дека свеста дека родово-базираната дискриминација е незаконска е малку подобрена, многу луѓе сè уште не знаат каде и како да ја пријават.
  • Родово-базираната дискриминација поврзана со трудот е сè уште широко распространета во Западен Балкан, вклучително и при вработување, унапредување, плата, договори за вработување, права поврзани со бременост и породилно отсуство, татковско отсуство и сексуално вознемирување на работа.
  • ЛГБТКИ+ лицата, жените со попреченост и жените од малцинските етнички групи пријавуваат дека се соочуваат со повеќекратна, меѓусекторска дискриминација.
  • Малку луѓе пријавуваат родово-базиана дискриминација затоа што не се доволно информирани каде да пријават; имаат недоверба во институциите; страв од стигматизација; страв од губење на работа или друга виктимизација; и бавна, често скапа правда.

Според извештајот, институциите на Западен Балкан (ЗБ) не прибираат соодветни родово разделени податоци за пријавени случаи на родово-базирана дискриминација поврзана со трудот. Во регионот, и трудовите инспектори се недоволно информирани во врска со родово-базираната дискриминација. Мал број на случаи се пријавени до релевантните институции, притоа, малку институции имаат искуство во третирање на случаи на родово-базирана дискриминација. Сепак, гореспоменатата акција на Коалицијата го зголеми бројот на случаи што ги третираат институциите и донесе правда за некои жени чии права беа прекршени. Во меѓувреме, регионалниот мониторинг сугерира дека судовите и понатаму го одложуваат третирањето на случаите, како резултат на состојбите со пандемијата од КОВИД-19. Народните правобранители и комесарите за заштита од дискриминација (во земјите каде што постојат) се позапознаени со овие прашања и нивното справување со родово-базирана дискриминација е подобрено.

Некои од клучните препораки се:

За ЕУ

  • Потребна е имплементација на институционални реформи за справување со родовата дискриминација на пазарот на труд како услов за процесот на пристапување во ЕУ.
  • Следење на реформите користејќи стандардизиран пристап, преку извештаи за земјата.
  • Поттикнување и поддршка на сите земји во усогласувањето на нивните законски рамки со Директивата на ЕУ за рамнотежа помеѓу работата и животот.
  • Консултирање и поддршка на ГО, особено на ЖГО, во работата на правните реформи, подигање на свеста, обезбедување правна помош, а со тоа и следење на институционалната работа.

За одговорните институции​

  • Да се усогласи националното законодавство со Директивата на ЕУ за рамнотежа помеѓу работата и животот, меѓу другите потребни измени наведени во извештајот.
  • Да се подобри собирањето на податоци, осигурувајќи дека сите податоци се расчленети по пол на жртва(и), наводен сторител(и), локација и форма на дискриминација. Редовно објавување на податоци.
  • Да се обезбеди задолжителна, институционализирана обука за одговорните службеници за: родова еднаквост и трансформирање на родовите норми; правната рамка за родово-базирана дискриминација на пазарот на труд и упатување; и форми на родова дискриминација, особено сексуално вознемирување.
  • Да се обезбедат предуслови и ресурси за поефикасно постапување во судските процеси и третирање на случаите со родово-базирана дискриминација со приоритет од страна на Државниот инспекторат за труд и другите надлежни институции.
  • Да се подобри соработката меѓу институциите и ЖГО, вклучително и заедничко подигање на свеста за тоа како да се пријави дискриминација и за подобрување на довербата на јавноста во институциите.

Во своето воведно обраќање, Олга Мартин Гонзалес, координаторка за родова еднаквост во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, рече: „Континуираната работа на граѓанските организации за правата на жените кои стојат зад ова регионално истражување придонесува за политички интервенции засновани на докази и обезбедува корисни препораки за справување со родовата дискриминација во ЗБ, од страна на владите, граѓанското општество, бизнисите и ЕУ“.

Тања Мишчевиќ, заменик генерален секретар за Европски ЗБ при Регионалниот совет за соработка (RCC) и честиташе на Коалицијата за извештајот. Таа рече дека извештајот е „исклучително важен документ“ бидејќи „ќе помогне да се креираат нови политики за сите шест економии во Западен Балкан“.

Бруна Менала, советничка која го претставуваше Комесарот за заштита од дискриминација во Албанија, рече дека Коалицијата и помогнала на оваа институција да ги адресира случаите на дискриминација на жените. Таа забележа дека мрежата ја подигнала свеста кај жените и девојчињата.

Силвија Костовска, правна советника во Здружението „Гласен Текстилец“ од Северна Македонија, исто така сподели приказни од нивното искуство во поддршката на жените кои се соочиле со дискриминација и прекршување на работничките права. Други говорници беа: Дејвид ЈЈ Рајан, коавтор; Васка Лешоска, истражувач, Реактор-Истражување во акција; Ендрита Бањска, коавтор, Мрежа на жени на Косово; Коалиционите партнери придонесоа во дискусијата во врска со локалните состојби, вклучувајќи ја Мирела Арќимандрити, извршен директор, Центар за родова алијанса за развој; Свјетлана Рамиќ Марковиќ, координаторка на проектот, Helsinki Citizens’ Assembly – Banja Luka; Аделина Тершани, проектен координатор, Мрежа на жени на Косово; Маја Раичевиќ, извршна директорка, Центар за женски права; и Софија Врбашки, координаторка на проектот, Фондација Kvinna till Kvinna.

Дополнителни информации

Извештајот беше истражуван и напишан од Мрежата на жени на Косово (KWN), Реактор – Истражување во акција од Северна Македонија, Центарот за родова алијанса за развој од Албанија, Helsinki Citizens’ Assembly Banja Luka од Босна и Херцеговина, Центарот за правата на жените од Црна Гора и Фондацијата Kvinna till Kvinna преку својата канцеларија во Србија. Целосниот извештај е достапен онлајн, како и конкретните извештаи за земјите за Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Косово[*] и Србија. За повеќе информации, ве молиме контактирајте со: Никол Фарнсворт, програмска директорка на Мрежа на жени на Косово (KWN) и главна истражувачка на Nicole@womensnetwork.org.


[*] Оваа ознака не ги доведува во прашање ставовите за статусот и е во склад со Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244/1999 и мислењето на Меѓународниот суд за правда за прогласувањето на независност на Косово.