„Пакет за проширување на ЕУ за 2025”: Согледби за С. Македонија.

Тимот на Reactor Research in Action/ Реактор истражување во акција даде свој придонес кон „Пакетот за проширување на ЕУ за 2025” со согледби за Северна Македонија.

Во соработка со The Kvinna till Kvinna Foundation и партнерските организации од Западен Балкан, извештајот ги анализира политичките и општествените случувања во регионот и покажува дека заложбите за родова еднаквост мора да бидат поизразени во процесот на пристапување кон ЕУ.

Ќе најдете и конкретни препораки за секое поглавје – од правосудство и основни права до вработување, социјална политика и заштита на животната средина.

Во однос на родовата еднаквост, извештајот предупредува на застој, па дури и назадување во родовата еднаквост и човековите права кај нас. 

На пример, се забележуваат сѐ помалку жени на раководни позиции. Иако жените сочинуваат речиси 40% од пратеничките места, во Владата во 2024 има само 3 министерки (12.5%), а само 2 жени се градоначалнички. Партиските програми речиси целосно го избегнуваат поимот „родова еднаквост“, што е јасен сигнал за недостиг на политичка волја за промени.

Од друга страна, пак, анти-родовата мобилизација станува институционализирана. ЛГБТИ+ организации се соочуваат со закани, кампањи на клевета и недоволна заштита од државата. Дури 76% од ЛГБТИ лица кои доживеале дискриминација не пријавуваат од страв и недоверба во институциите.

И покрај ратификацијата на Истанбулската конвенција, имплементацијата останува слаба: хронично недофинансирање, некоординирани институции и лоша заштита на жртвите. Дури 87% од жените кои преживеале насилство се соочуваат со економски последици, а само 27% добиваат навремена алиментација.

Дополнително, Законот за работни односи сè уште нема одредби за татковско и заедничко родителско отсуство. Потребно е итно усогласување со Директивата за рамнотежа помеѓу работниот и приватниот живот и имплементација на Конвенцијата 190 на МОТ.

Во ваква атмосфера, потребни се итни структурни реформи, родово сензитивни политики и стабилно финансирање за да се заштитат човековите права и да се приближиме кон ЕУ.

Прочитајте го целиот извештај овде:https://kvinnatillkvinna.org/…/eu-enlargement-package…/