Реактор ја промовираше родовата анализа на тема: „Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“



На 7 септември 2022 година, Реактор – Истражување во акција ја промовираше родовата анализа на тема: „Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“.

Анализата,  разгледува две клучни прашања и тоа: Како да се вклучи родот во националниот статистички систем; и Кои се приоритетните области на кои им недостасува родова статистика. Документот се обидува да даде одговор на овие прашања преку анализа на правната и институционалната рамка на официјалниот статистички систем и националното законодавство, законодавството на ЕУ, стратешките и политичките документи поврзани со родовата статистика; анализа на постојните практики релевантни за производство и дисеминација на родова статистика; анализа на расположливите родови статистики и родови индикатори; анализа на достапни податоци поделени по пол од овластени тела за државна статистика; и анализа на можни административни извори за родово групирани податоци надвор од официјалниот статистички систем.

На панел дискусијата по повод оваа промоција, Васка Лешоска од Реактор – Истражување во акција ја презентираше анализата и препораките за подобрена соработка и координација меѓу клучните национални чинители за вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем.

„Родовата статистика треба да ни покаже како живеат мажите и жените, девојчињата и момчињата во сите нивни различности во едно општество. Истовремено, родовата статистика треба да ни помогне да оцениме дали нештата се менуваат со текот на времето и дали јавните политики резултирале со намалување на нееднаквостите.“– рече Лешоска.

„Оттаму клучно е стратешките цели за родова еднаквост на државата да се операционализираат низ статистички показатели кои со текот на времето ќе овозможат континуитат на нашите напори и одговор на прашањето колку сме блиску до остварување на родова еднаквост во сите аспекти на нашето живеење. Дијалогот меѓу носителите на статистичка дејност, креаторите на политики, граѓанското општество и другите корисници е клучен за мапирање на потребите за родова статисика, информирање на политиките со докази и  за унапредување на статистичката писменост“ – заклучи Лешоска.

Во отворената дискусија свое обраќање имаа и претставници на Министерство за труд и социјална политика; Државен завод за статистика; Секретаријатот за Европски прашања;  Амбасадата на Кралството Шведска, канцеларијата на UN Women, Националниот демократски институт, како и граѓанските организации Акција Здруженска и Центарот за истражување и креирање на политики.

Анализата е изработена од Реактор – Истражување во акција, со поддршка на Европската унија (ЕУ) и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида), како дел од проектот Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ, кој се фокусира на зајакнување на регионалната соработка на женските граѓански организации, истражување и родови анализи за информирање на политики, застапување засновано на докази и мониторинг на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ, насочени кон унапредување на родовата еднаквост во регионот на Западен Балкан во процесот на пристапување во ЕУ.

Содржината на оваa објава е единствена одговорност на Реактор – Истражување во акција и не ги отсликува ставовите на Европската Унија или Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.