Се одржа конференцијата „Грижи се машки“: „Најдобар начин да се елиминира насилството во едно општество е да се инвестира во неговата превенција“



На 9 декември, во организација на Реактор – истражување во акција и ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација, се одржа конференција на тема „Грижи се машки – Од свесност до вклученост: Вклучување на мажите во превенција на родово насилство и работа со сторители со фокус на безбедноста на жртвата“.

Обединувајќи домашни и странски говорници, на оваа конференција се дискутираше за советувањето и работата со сторители на родово базирано насилство, аспектот на превенција на родово базираното насилство и поголемо вклучување на мажите во борбата против оваа појава.

„Ниските плати, лошите работни услови, немањето соодветен избор за достоинствена работа, недовербата и неизвесноста кои се провејуваат во секоја сфера од нашето живеење се само дел од причините што создаваат негативни чувства, кои потоа во нашата немоќ можеме да ги проектираме на другите или да ги канализираме во негативни однесувања, а нефункционирањето на системот, дополнително ги засилува овие практики и создава уште поголеми јазови и неправди и различни форми на насилство. Токму затоа е мошне важно да имаме соодветни механизми за дијалог, можности за советување на жените и мажите и за надминување на овие појави и превенција на истите.“ – изјави Тања Иванова, од Реактор – Истражување во акција, зборувајќи за можните  причинители,  нагласувајќи ја важноста од постоење на алатки за превенција на родово базирано насилство.

Бојан Јовановски од ХЕРА истакна дека машката грижа и натаму е прилично стигматизирана тема во општеството – малку се разговара и многу малку чекори се преземаат за да се вклучат мажите во превенцијата на насилството, независно дали станува збор за услуги преку кои треба да им се даде поддршка за да се прекине кругот на насилството во семејството или во промоцијата на придобивките што ги носи родовата еднаквост. „На долг рок, најдобар начин да се елиминира насилството во едно општество е да се инвестира во превенцијата на насилството и најоптимално е тоа да се случува уште во образованието, во самите училишни клупи“, додаде тој, нагласувајќи новиот концепт за родово-сензитивно образование е почетен чекор кон постигнување на оваа цел.

Излагањата на говорниците потврдија колку е важна превенцијата на насилството, која, за да биде успешна, мора да ги вклучи и мажите и момчињата затоа што и самите тие се засегнати од насилството, па така нивното вклучување треба да биде неразделив дел од самите програми за превенција и заштита од насилството. Ова го потврдува и австриското искуство каде што мажите и момчињата се вклучени преку конкретни програми и активности во превенција на родово базирано насилство.

Во рамки на партнерскиот проект „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвата и советување на мажите во Северна Македонија“, Реактор и ХЕРА ќе работат токму на оваа тема, обидувајќи се да обезбедат податоци за состојбите во Северна Македонија, а потоа врз основа на истите, ќе работат на воспоставување на сервиси кои соодветно ќе ги адресираат потребите и ќе ја промовираат улогата на мажите и момчињата во превенција на родово базирано насилство.

Конференцијата ја проследија педесетина присутни, претставници на граѓанскиот сектор и институциите, а претставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука се обратија до присутните истакнувајќи ги нивните институционални напори и заложби на оваа тема.

Овој настан е дел од проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвата и советување на мажите во Северна Македонија“ поддржан од Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark (Здружение за машки и родови прашања Стирија) (Грац, Австрија) со финансиска поддршка од aвстриското Сојузно министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.