
Реактор учествуваше во извештајот на @the_oecd со наслов „Енергетски цени и субвенции во Западен Балкан: Реформи за праведна и зелена иднина”.
Преку фокус групи*, ги истраживме родовите разлики во влијанието на енергетските реформи врз домаќинствата во земјата преку анализа на моделите на потрошувачка, справувањето со поскапувањата, пристапот до социјални мерки и ставовите кон енергетските политики.
Родот игра значајна улога во потрошувачката на енергија, стратегиите за заштеда на трошоци и реформите. За праведна и одржлива енергетска транзиција треба да го разбереме родовиот јаз и да ги земеме предвид улогите што ги играат жените во енергетската транзиција како потрошувачи, но и лица што ја планираат домашната употреба на енергија и како потенцијални учеснички во формалната зелена работна сила.
С. Македонија има постигнато значителен напредок во интегрирањето на родовите аспекти во својата енергетска политика. Нацрт-планот за (веќеусвоениот) Национален план за енергија и клима (NECP) ја признава важноста на интегрирањето на родовите перспективи во дизајнирањето на енергетските политики и мерки, а исто така ги признава и постојните родови јазови на пазарот на трудот и во големите (енергетски) компании.
* Примерокот од фокус групата во С. Македонија ги приоритизираше домаќинствата со ниски приходи, а спроведе и дополнителни групи со домаќинства со средни приходи, корисници на енергетска поддршка и лица од ромската заедница, со што се обезбеди родова и регионална застапеност. Родово поделените дискусии овозможија подлабок увид во специфичните предизвици со кои се соочуваат мажите и жените, вклучително и домаќинства предводени од жени и самохрани жени. Учесниците беа на возраст од 18 до 86 години и одразуваа широк спектар на различни домаќинства, извори на енергија и услови за живот.