Ни со двата концепта не се добиваат гласовите на младите, бидејќи од една страна се маргинализираат просечните млади, а од друга страна со аргументот ЕУ и НАТО бидејќи на крајот на денот младите веќе ги избраа – со нивното селење во тие земји, пишува Блажен Малески од НМСМ.
Како моја веројатно последна колумна во својство на претседателот на Националниот младински совет на Македонија, сметам дека е важно да обрнам внимание на последните политички збиднување каде што се споменуваат младите. Кандидатите во тековните претседателски избори често ги коментираа младите, најчесто во конотација на нивното големо заминување. Обидувајќи се да допрат до срцата и умовите на родителите на следните генерации, бидејќи не верувам дека некој млад ќе биде убеден да гласа за одреден кандидат ако му се објаснуваат причините за напуштање кои секако и на своја кожа ги чувствува, се изнаслушавме за какви сѐ не причини постоеле за младинското отселување.
Пример за таквите дискусии можеме да видиме на речиси секој изминат митинг на кандидатите. Па така, професорката Сиљановска – Давкова вели „Најголемиот дел од младите заминуваат поради целосна партизација и политизација во општеството и ги гледаат своите пријатели што биле просечни и под просекот на високи позиции. Си заминуваат најумните, најпаметните, највредните заради непотизмот, корупцијата, партиското судство и неспособното обвинителство“. На некој сличен став беше и кандидатот и професор Река кој велеше „Сакаме да се спречи тенденцијата на иселување на младите од земјава. Што ќе ни се концепти за ЕУ и НАТО кога ќе завршиме со петстотини илјади жители помалку. Мора да има владеење на правото, да се деполитизира државата и да им се даде иднина за младите да останат, а не да мигрираат“.
Од друга страна пак, кандидатот Пендаровски навлегува во теоретски концепти и вели „За младите исклучително битно е тие да станат дел од еден поширок европски пазар и еден европски круг во кои ќе можат како млади да се реализираат. Значи, прво да добијат шанси овде, меѓутоа и низ размена на информации и искуства со своите врсници од сите европски држави да напредуваат побрзо“.
Професорката веројатно заборавајќи дека оваа држава треба да понуди можности за сите млади, се концентрира и смета дека си заминуваат оние кои се најкапацитетни.
Од друга страна, нејзиниот противкандидат во вториот круг, смета дека евроатланските перспективи се оние кои ќе им ја дадат можноста на младите да останат во државата и себе си да се остварат, занемарувајќи го фактот дека тие реформи треба да дојдат од нас како општество, а и дека немаме веќе генерации за губење.
На пат кон ЕУ, но изгледа без млади патници!
Ни со двата концепта не се добиваат гласовите на младите, бидејќи од една страна се маргинализираат просечните млади, а од друга страна со аргументот ЕУ и НАТО бидејќи на крајот на денот младите веќе ги избраа – со нивното селење во тие земји.
Сите од кандидати се донекаде во право во она што го зборуваат во идентификување на проблемите, но имаат една фундаментална празнина. Имено, политичарите се избираат да ги решат проблемите, не да ги дијагностицираат и посочуваат. Проблемот со заминувањето на младите е сеопфатно и влегува во секоја тема која што е и генерален проблем на оваа држава, од аерозагадување до генерален квалитет на живот. А ниту еден од нив не најде за сходно да образложи како ќе ги вклучи младите во решавањето на тие проблеми, туку само ги посочија можните проблеми.
Од ниту еден од истакнатите професори не слушнавме да објасни дали во ситуација каква што се најде нивниот колега, сегашен имател на титулата на која тие претендираат, при лошите реформи во високото образование. Ќе застанат ли против лошите реформи, какви што беа оние кои ги предизвикаа најмасовните протести на студенти во нашата демократска историја? Дали ќе ги вратат законите за кои што младите треба да имаат глас и мора да бидат вклучени. Дали нешто научивме од лошите практики кои ги гледавме во изминатото? Веројатно не. Ниту еден од кандидатите не изрази заложба дека ќе биде партнер на младите во креирањето на политики, да застане со нив против лошите политики и дека ќе ги застапува нивните потреби и идеи, а не партиските – иако се декларираат како натпартиски кандидати.
На крајот од денот, не може да се зборува само за младите како проблем, туку треба да се понудат решенија за нивно вклучување во решавањето на проблемите. Не може да се зборува за младите и нивното иселување во кампањи, без да се гледа пошироката слика на елементарните непогоди кои им се случуваат на секое поле.
Кампањите на крајот на денот се одлично мерило да видиме до каде нашите политичари ги разбираат сериозно проблемите на младите, а не само иселувањето. За жал и овие избори беа разочарување на тоа поле. Не случајно седмиот генерален секретар на Обединетите Нации, Кофи Анан забележал „Никој не е роден како добар граѓанин, ниту една држава не е родена демократија. Напротив, и двете се процеси кои продолжуваат да се развиваат во текот на целиот живот. Младите мора да бидат вклучени од раѓањето. Општество кое ги отсекува младите си го крати животниот тек”.
Блогот е оригинално објавен на Радио Слободна Европа.