www.prijavidiskriminacija.mk

Веб проектот ПРИЈАВИ ДИСКРИМИНАЦИЈА е иницијатива против дискриминацијата на работно место и дискриминација која настанала при барање на работа, вработување, или во врска со работата. Со помош на оваа анонимна платформа се надеваме дека ќе собереме голем број на податоци за состојбата на работничките и работниците, особено за  повредата на нивните права и дискриминацијата со која се соочуваат при барање на работа или која настанала на нивното работно место.

Целта е ситуациите и повредите на работничките права кои често се прикриени и остануваат неприкажани и непријавени, да бидат собрани на едно место и да се овозможи нивна анализа. Особено нè интересираат повредите и дискриминацијата која настанува врз основа на пол или родов идентитет. На тој начин сакаме да го измериме опсегот на проблемот, но и да ги идентификуваме најчестите видови на повреда за да може да предложиме соодветни решенија.

Воедно, со оваа веб страна, на лицата чии права биле повредени сакаме да овозможиме простор каде нивниот глас ќе биде слушнат и каде ќе можат да ја споделат својата приказна. Исто така, се надеваме дека преку платформава ќе успееме да ја поттикнеме свеста на граѓаните, ќе ја зголемиме одговорноста кај работодавачите и на тој начин ќе придонесеме за намалување на дискриминацијата и подобрување на работната околина за сите нас.

На веб сајтот ПРИЈАВИ ДИСКРИМИНАЦИЈА може да пријавите било каква дискриминација поврзана со вашето работно место, дискриминација поврзана со вработување, дискриминација од страна на вашите претпоставени или од вашите колеги.

Пријавата е анонимна, и таа се состои од два дела: податоци за случајот и податоци за статистичка анализа. Податоците за случајот се однесуваат на повредата на правата која ја пријавувате, за која сметате дека сте дискриминирани. Овие податоци се анонимни и не содржат никакви информации за вашето работно место. Податоците за статистика се социо-демографски податоци кои ни се потребни при анализата.

www.prijavidiskriminacija.mk

Област: Родова еднаквост
Година на објава: 2015