Кон изложбата „Транспорт и жени“
Јавниот превоз е основен дел од урбаната инфраструктура, овозможувајќи лесен и економичен транспорт до работните места, образовните институции и други важни и секојдневни локации. Тој треба да биде достапен и безбеден за сите луѓе подеднакво. За жал, за голем дел од жените токму користењето на јавниот превоз предизвикува чувства на страв и несигурност . Истовремено, според Пописот на ДЗС од 2021, жените и девојките претставуваат 65.5% од корисниците на јавниот превоз. Наспроти ова, само 27.7% од возачите и 18% од сопствениците на автомобили се жени. Овие бројки се јасен показател дека жените повеќе се потпираат на пешачење и користење на јавен превоз во секојдневното движење низ градот, што ги изложува на поголем ризик од јавна безбедност и ја ограничува нивната подвижност.
Токму на оваа тема, денес, 5ти мај (понеделник), со почеток во 19:00 часот, во КСП Центар-Јадро се отвора изложбата „Транспорт и жени – мултимедијална изложба за (не)безбедноста во јавниот превоз“ на Верица Тенекеџиева. По тој повод, тимот на „Реактор“, чиишто истражувања за родово-базирано насилство на јавни простори се дел од материјалите врз кои се базира проектот на Тенекеџиева, поразговара со уметницата за престојната изложба, темата и процесот на изработка.
Како се одлучи да се фокусираш на проблемот со безбедноста на жените токму во јавниот превоз?
Бев инспирирана од инцидент кој ѝ се случи на моја блиска пријателка, додека бевме во Дојран на „Д Фестивал“ пред околу 6-7 години. Имав идеја за тоа како би сакала да ја прикажам нејзината приказна и кога ја разработував таа идеја, многу други луѓе ми рекоа дека исто така имат нешто за споделување. Тоа ме натера да се обидам да го направам овој проект преку истражување, за да видам колку приказни ќе успеам да соберам. За жал воопшто не се малку. Сфатив дека мојот проект може да послужи како сигурен простор за споделување, за подигнување на свеста и за нагласување на овој проблем, кој според мене е запоставен и нормализиран. Сакав да истакнам колку често се случува и колку многу жени дури имаат некоја основа за зближување кога отворено разговараат за овој проблем.
Како ги собра приказните и искуствата за проектот и со кои предизвици се соочи при собирањето и обработувањето на овие осетливи и несомнено вознемирувачки податоци?
Дел од приказните се собрани преку интервјуа кои ги спроведов со учесничките кои се чувствуваа слободни да споделуваат на таков начин. Неколку се извадени од претходни истражувања на „Реактор – Истражување во акција“, како и истражувања спроведени од „ОснаЖене“ и „Ирида“, феминистички организации од Србија, со кои соработувам на проектот. Најголем дел од приказните беа собрани преку анкета наменета за проектот, која беше раширена на социјалните мрежи со помош на гореспоменатите соработници.
Како предизвик при собирањето би го издвоила бројот на приказните. Откако анкетата се рашири на интернет, собрав околу 70 сведоштва и над 150 одговори само за неполна недела. Морав да ја затворам анкетата бидејќи требаше да се фокусирам на обработката на самите приказни. Важно е да се нагласи дека анкетата беше отворена за сите, но 100% од одговорите беа од жени. Предизвик беше и самата обработка. Секако дека ми влијаеа сведоштвата, најмногу бидејќи и јас сум жена и можам да сочувствувам со нив, но и затоа што чувствував одговорност кон сите што ги споделија своите искуства. Затоа се обидував да бидам максимално објективна, за да можам да ги претставам најдобро што можам.
Во која мера наодите од истражувањата на „Реактор“ за безбедноста на жените во јавниот простор (2012, 2020), коишто станаа дел од твојата база на податоци, го проширија твоето разбирање за овој проблем? Дали те изненади прочитаното?
Истражувањата на „Реактор“ ми помогнаа да го разберам проблемот многу подлабоко. Моите лични убедувања и разбирања беа базирани на лични искуства и набљудувања, но откако се задлабочив во истражувањата на „Реактор“ разбрав многу повеќе и за статистиката, причините, законите, како системот (не) се справува со проблемот и што би можело да се промени. Повеќето од нивните податоци ми се потврдија и со моето истражување. За жал ништо од прочитаното не ме изненади.

Како се одвиваше процесот на преточување на сведоштвата и податоците во визуелен уметнички приказ? Како се одлучи за соодветниот пристап и медиум? Што се обидуваат да доловат твоите дела?
Изложбата е составена од 4 аудио-визуелни и 8 ликовни дела, коишто се водени од чувствата кои ги носат избраните приказни. Фокусот на уметничкиот приказ е емоцијата, а целта е да се предизвика сочувство кај гледачите, на некој начин да ги натераме и тие да се почувствуваат како самите раскажувачки. Од таа причина сакав да ја прикажам трагата што ја оставаат овие случки врз жртвите и се обидов да го направам тоа преку користење на одредена палета каде црвената боја претставува опасност и бес, а белата и сината претставуваат страв и тага. Kомпозициски делата се клаустрофобични и хаотични и сите се прилично експресивни и апстрактни. Тематски се поврзуваат со тоа што насекаде насилникот се појавува во црвено, како извор на опасноста, а жртвите на многу места се практично невидливи, се слејуваат во околината, но во исто време се прикажува како таа околина изгледа во моментот на вознемирување низ призмата на раскажувачката.
Во аудио-визуелните дела овие чувства се уште поизразени преку анимациите за кои ги користев истите стилски решенија, пропратени со звук и нарација. За постигнување на целта работев со Матјо Дервенков, аудио-визуелен артист, кој го изработи звукот за делата, Катерина Јовановиќ, актерка, која ги пресоздаде приказните и им даде тотално друга димензија и Ивета Ставрева, сценаристката која работеше со мене за редактирање и избирање на приказните. Освен нив имав огромна помош и од Ружица Несторовска, графички дизајнер, како и Симона Даноска и Стефанија Тенекеџиева Хаанс кои ми помогнаа со преводот.
Не е лесно да се прочитаат и/или слушнат толкав број на вознемирувачки сведоштва од жени и девојки коишто или лично доживеале вознемирување додека користеле јавен превоз или, пак, стравуваат од веројатноста тоа да им се случи. Како или колку успеа да се поштедиш себеси, дали доби помош и насоки на што да внимаваш и што научи од процесот?
Како што спомнав и погоре, се трудев да бидам максимално објективна и да го разгледувам проблемот од сите страни. Секако дека бев вознемирена од сведоштвата, но знаев дека ќе се случи тоа уште од почетокот, па некако бев подготвена. Ми помогна и фактот што сите кои соработуваа со мене на проектот исто така се доближија многу до сведоштвата и беа повлијаени од нив, па можевме да си помагаме и да се поддржуваме меѓусебно.

Која е за тебе улогата на уметноста во доближувањето на општествените проблеми?
Сметам дека уметноста отсекогаш се користела како огледало на случувањата и делата кои се насочени кон општествени проблеми имаат одговорност да го претстават проблемот во целост. Мислам дека уметноста, во сите нејзини форми, има потенцијал да даде нова димензија на проблемите што ги истакнува и да предизвика значајни чувства кај публиката. Тоа дозволува проблемот да се претстави на впечатлив начин кој потешко се заборава, а исто така во некои случаи, пример во документарната фотографија, остава физички докази за проблемите кои ги обработува.
Уште од најрана возраст, девојките учат да бидат постојано внимателни и свесни за околината, израснати со предупредувања од типот на: „Не излегувај на темница… Облечи се така што нема да привлекуваш внимание… Не оди сама… Опасно е…” Девојките учат да го регулираат сопственото движење и да измислуваат најразлични стратегии за справување додека ги користат јавните простори коишто подеднакво им припаѓаат и треба слободно да ги уживаат. Стравот ги тера на „безбедносен труд”, којшто не само што останува незабележан, туку преминува во усвоена навика што е толку нормализирана во нашето општество. Дали можеш да споделиш какви стратегии најчесто користат жените и девојките за да се заштитат во небезбедни ситуации?
Најчестите стратегии кои ги сретнав во повеќето сведоштва беа избегнување или игнорирање на сторителите во случаи на вознемирување, бегање, избегнување на јавен транспорт воопшто, избегнување да се движат сами низ градот, зборување на телефон или преправање дека се зборува на телефон, носење на широка и „непровокативна“ облека и други слични стратегии кои точно спаѓаат во тој „безбедносен труд“. Само во една од околу 70 приказни, девојката активно се соочила со својот напаѓач, а во анкетата повеќето учеснички одговориле дека не наоѓаат смисла во тоа да бараат помош од полиција или државните органи, па за нив решението е да се заштитат како што знаат. Тоа за мене целосно покажува колку ни е всадено во главите тоа дека треба да бидеме внимателни и да мислиме на многу повеќе детали само за да се почувствуваме сигурни да излеземе од дома.

Емоциите ни даваат пристап до верувањата, убедувањата, грижите и научените реакции на телото. Кои чувства преовладуваат во сведоштвата на жените и што ни кажуваат за квалитетот на живот што го водат?
Точно чувствата беа водечки за изработувањето на изложбата и затоа им обратив доста внимание. Најчесто среќавани беа страв, паника, гадење, шок, тага и бес. Понекогаш сите тие чувства испомешани наеднаш, а во повеќето случаи присуствуваат ама се многу потиснати, бидејќи стравот преовладува и жените се трудат да бидат сталожени и практични за да можат да излезат од ситуацијата. Мислам дека тоа што едно обично возење во автобус има потенцијал да предизвика кое било од негативните чувства кои ги споменав кажува доволно за квалитетот на секојдневниот живот на жените. Сметам дека сите имаат право да се чувствуваат безбедно на јавните простори.
Дали сметаш дека постои некоја промена во последниве години кога станува збор за свеста по ова прашање и што може да се направи за да се сменат работите? Како би ги реобмислила јавниот превоз и превозната култура доколку ги имаш сите ресурси за тоа?
Мислам дека се движиме кон подобро, или барем се надевам. Сум забележала дека има некаков прогрес кај такси компаниите, подобро ги следат возачите и побрзо реагираат ако има некаква жалба или слично. Јавниот превоз, барем во Скопје, има премногу проблеми за набројување, така да, ако ги имам сите ресурси би го изградила одново хахах. Ама генерално мислам дека сите негови корисници треба да бидат малку посолидарни и покултурни кон сопатниците.
[фотографиите се од дела изработени во рамки на проектот, споделени со дозвола на уметницата]
Верица Тенекеџиева (1997) е дипломиран аниматор при НАТФИЗ „Крстјо Сарафов“ во Софија, Бугарија. Има работено како аниматор во компании во Бугарија (Уча.се) и во Македонија (Светот на Биби). Претходно има работено на филмски и музички проекти, а моментално работи на сопствени и проекти по нарачка. Преку своите проекти, Верица дополонително си го развива интересот кон документаристика и екпериментирање со медиумите за филмско изразување.
Проектот на Верица Тенекеџиева е подржан од RYCO, меѓувладина организација која управува и промовира регионална и интеркултурна соработка на младите луѓе во и помеѓу општествата во Западен Балкан. Програмите на RYCO се фокусираат на создавање можности за младите луѓе да се вклучат во активности кои градат меѓусебно разбирање и помирување во граѓанските, социјалните, образовните, културните и спортските домени. RYCO иницира и учествува во креирањето политики и се залага за реформи. Го поддржува и зајакнува развојот на политичкото и социјално опкружување и ја олеснува размената на младите.
Текстот е оригинално објавен на Медуза.