Што претставува Акцискиот план за родови прашања III и зошто е важен Националниот план за имплементација?

По долг процес на консултации и независна евалуација за надворешната поддршка на Европската Унија (ЕУ) за родова еднаквост и зајакнување на жените и девојчињата, во ноември 2020 година, ЕУ го објави новиот Акциски план за родови прашања III. Овој план претставува амбициозна агенда за родова еднаквост и зајакнување на жените во екстерното делување на ЕУ во периодот (2021-2025), придружена со цели и индикатори.

Воедно, овој документ ја насочува работата на Делегациите на ЕУ и Европските сервиси за надворешна акција (European External Action Services), дефинира како ќе се програмира помошта на ЕУ (ИПА), како и политичкиот дијалог во нашата земја. Програмирањето и политичкиот дијалог се фокусирани на реформите во државата кои треба да се случат во процесот на приближување на државата кон ЕУ.

Акциски план за родови прашања III, меѓу другото, предвидува справување со основните причини за нееднаквост и дискриминација и предвидува и воведување на Национален план за имплементација (CLIP), кој ќе ја насочува имплементацијата на ГАП III на национално ниво. Овој план претставува клучна новина и треба да се заснова на родова анализа која ќе ги идентификува клучните проблеми (нов или соодветно ажуриран родов профил на земјата), консултации (со институции, земји членки на ЕУ, ЕУ тела, други развојни тела, граѓанско општество), и каде што е можно, овој план треба да биде усогласен со националните политики и приоритети.

За успешност на ГАП III, неопходно е силно партнерство со организациите за правата на жените, обезбедено финансирање за ГАП III и посебно за женските организации во земјите партнери, како и програмирање за родова еднаквост засновано на вклучување и родова анализа.

Доколку сакате да прочитате повеќе околу тоа што треба да содржи Националниот план, погледнете го придонесот на граѓанските организации кон процесот на консултации за развој на Националниот план за имплементација на ГАП III за Северна Македонија.

Оваа објава е дел од проектот УНАПРЕДУВАЊЕ НА РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ ВО ПРОЦЕСОТ НА ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕУ, кој е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида).

Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Реактор – Истражување во акција и не ги отсликува ставовите на Европската Унија или Шведската агенција за меѓународна соработка и развој.