Неопходна е соодветна примена и унапредување на законската рамка за родово-базираната дискриминација при работа



Со поддршка на Европската унија (ЕУ) и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида), како дел од регионалната иницијатива за справување со родово-базирана дискриминација на пазарот на труд во шест земји од Западен Балкан, Реактор подготви извештај кој претставува продолжение на првото истражување од ваков вид во Северна Македонија, кое беше објавено во 2019 година, а содржи информации и споредба на состојбите поврзани со недостатоците во релевантната законска рамка; присутноста и природата на родово-базираната дискриминација во врска со работните односи; обемот во кој луѓето поднесувале претставки; и како институциите постапувале по вакви случаи. Истражувањето опфати мешани методи, вклучително и анализа на документација, онлајн истражување и интервјуа.

Податоците од обете истражувања, во 2018, односно 2021 година укажуваат дека родово-базираната дискриминација и повредите на правата од работен однос се сè уште присутни, но често не се пријавуваат или недоволно се пријавуваат до надлежните институции и механизми.

Општо земено, и во 2018 и во 2021 година, разни испитаници посочија дека недостига соодветна примена на законската рамка за родово-базираната дискриминација при работа.

Со цел да ги споделиме наодите од ова истражување со релевантните чинители и да ја покренеме свеста за потребата од измена на законската регулатива, на 8 април, доставивме симболичен пакет на материјали до пратеничките и пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

Истражувањето е достапно на македонски, албански и англиски јазик.

Се надеваме дека овој пакет на материјали, ќе претставува корисен извор на информации и поттик за ревидирање на законската рамка со цел адресирање на родово-базираната дискриминација на пазарот на труд.